КРАТКА ИНФОРМАЦИЈА
ЗА
ОРГАНИЗАЦИОНАТА ПОСТАВЕНОСТ И АКТИВНОСТИТЕ НА
СОЈУЗОТ
НА ГЛУВИ И НАГЛУВИ НА МАКЕДОНИЈА



          Сојуз на глуви и наглуви на Македонија (СГНМ) е една од првите невладини организации во Република Македонија. Формиран е во далечната 1948 г. во Скопје.
         
Сојузот на глуви и наглуви на Македонија (СГНМ) е асоцијација од 17 меѓуопштински и градско здружение на Скопје во кои членуваат околу 6.000 регистрирани членови.
         
Целта на оснивање на Сојузот е првенствено да се пристапи кон организирано решавање на проблемите на глувиот човек како што се:
          - подобрување на квалитетот на животот на глувиот човек
;
          - остварување на неговите основни човекови права;
          - унапредување на неговото образование;
          - афирмација на знаковниот говор;
          - унапредување на социјалната заштита;
          - збогатување на културниот и забавниот живот;
          - надминување на комуникациските бариери;
          - достапност до средствата за информирање;
          - организиран спортски живот и др.

          СГНМ покренува и голем број на иницијативи за подобрување на постојната законска регулатива и донесување на нови закони со цел да се донесат поквалитетни решенија за социјална сигурност на глувиот човек и создавање услови за изедначување на правата на глувиот човек со правата кои ги уживаат другите граѓани во сите сфери на животот.
         
СГНМ соработува со: лекари, дефектолози, социјални работници и други стручни лица на сите полиња каде се третираат проблемите на глувите лица.
         
СГНМ е иницијатор за основање на рехабилитациони и образовни институции. Во Македонија постои:
          - Институт за рехабилитација на слух и говор (кој ги опфаќа децата од најрана возраст);
          - Специјалното централно основно училиште за глуви "Кочо Рацин" во Битола (каде учат деца од I до VIII одделение); и
         
- Средното училиште за глуви "Партение Зографски" во Скопје.
         
СГНМ настојува да помогне во унапредување на образованието на глувите деца преку покренување на иницијативи за воведување на нови образовни содржини, посебно на полето на информатиката и употребата на знаковниот јазик во секојдневната настава.
         
СГНМ е вклучен и во разни научни проекти кои ја третираат проблематиката на глувоста.
         
СГНМ организира многубројни семинари за изучување на знаковниот јазик, работилници за обука на кадри, организира и разни едукативни предавања за превенција од сида и другите болести на зависности. Организира и курсеви за обука на глувите лица за работа со компјутери и др.
         
СГНМ преку своите програмски активности непосредно помага глувите лица да ги остваруваат своите права на образование, вработување, слободна вероисповест, национална припадност, право на комуникација на знаковен јазик и сл.
         
СГНМ во рамките на своите можности врши застапување и посредување при вработување на глувите лица.
         
СГНМ е основач на голем број заштитни организации (претпријатија за вработување инвалиди).
         
СГНМ учествува во донесување на законската регулатива за вработување на инвалидизираните лица.
         
Комисијата за знаковен јазик при СГНМ постојано работи на усовршување и осовременување на знаковниот јазик.
         
Во Р.Македонија глувите лица имаат:
         
- право на бенифициран работен стаж;
         
- право на бенифиции при вработување (еднократна парична надокнада која ја добива работодавачот кој вработува глуво лице, ослободување од плаќање на придонеси на државата);
         
- право на бесплатен слушен апарат;
         
- право на еднократна социјална помош;
          - право
на постојана парична помош; и
         
- право
на социјално и здравствено осигурување.
         
СГНМ покрај реализирање на своите постојани програмски задачи, како приоритетни активности за 2002 год. ќе бидат: обезбедување на правото на толкувач и оспособување на посебна служба на толкувачи; воведување на информативни емисии на електронските медиуми наменети за глувите лица (каде ќе се употребува знаковниот јазик); бенифиции во користење на фиксна и мобилна телефонија; ослободување од плаќање на такси за радио и телевизиска претплата; обезбедување на разни помагала за глувите лица; набавка на компјутери за потребите на општинските здруженија и др.
         
СГНМ од самото свое постоење го организира културниот и спортски живот на своите членови.
         
СГНМ ги развива културно уметничките активности на своите членови.
         
Постои културно уметничко фолкорно друштво на глувите "Мирче Ацев".
         
СГНМ организира разни изложби на глуви уметници, културни манифестации, рекреативни активности како што се: разни маскембали, културни средби, натпревари во разни вештини и др.
         
Во рамките на СГНМ делува и планинарското друштво на глувите. Глувите имаат сопствен планинарски дом на планината "Водно".
         
Се организираат редовни спортски натпревари во: атлетика, пинг понг, спортски риболов, мал фудбал, шах и други спортови.
         
Во рамките на Сојузот делува и фудбалскиот клуб на глуви лица "Слобода", кој се натпреварува во редовната фудбалска лига на Фудбалскиот сојуз на Македонија.
         
СГНМ располага со сопствено одморалиште за одмор и рекреација на своите членови, а тоа е хотел "Далјан" сместен на самиот брег од Охридското езеро каде глувите користат бенифициран одмор и рекреација.
         
СГНМ е членка на Заедницата на инвалидските организации на Македонија во која членуваат СГНМ, Сојузот на слепи на Македонија, Сојузот на телесно инвалидизираните лица на Македонија, Републички Центар за помош на лицата со ментален хендикеп -Порака-, Сојуз на инвалидите од војната на Македонија, Сојуз за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија и Сојуз на инвалидите на трудот на Македонија.
         
На меѓународен план, СГНМ е редовен член на Светската федерација на глуви "WFD", на Регионалниот секретаријат на организациите на глуви на земјите од централна и југоисточна Европа "CERS". СГНМ има развиена соработка со организациите на глуви од соседните земји а соработува и со многу други организации на глуви од целиот свет.
         
СГНМ преку својата спортска асоцијација на глуви е рамноправен член и во Светската спортска федерација на глуви "CISS" и Европската спортска федерација на глуви "EDSO".
         
Глувите спортисти се учесници на бројни меѓународни спортски манифестации и досега учествуваа на двете последни Олимписки игри за глуви во Данска и Италија.
         
Сојузот на глуви и наглуви на Македонија преку своите меѓуопштински и градското здружение остварува голем број на активности во давање на стручна и секаква друга помош во решавање на проблемите со кои се судруваат глувите лица во секојдневниот живот.

Шема на организациона поставеност на сојузот на
глуви и наглуви на Македонија - Скопје